Аеродромот во Охрид каде исклучиво доаѓаат странски туристи нема термална камера за следење на температурата на патниците. И по речиси два месеци од појавата на смртоносниот корона вирус, температурата на патниците кои се странски туристи и чиј број е во постојан пораст се мери со топломер. Од таму велат дека ќе се чекало за сомнителни случаи да алармираат странските авио-компании.

„Имаме договор со сите авио компании да ни јават однапред доколку има патници кои можат да се во ризик, во смисла да патувале или биле некаде во близина на градот Вухан во Кина, да нè обавестат пред доаѓањето…“, рече Венко Филипче-министер за здравство.

Од центарот за јавно здравје Охрид велат дека очекуваат термалната камера да пристигне во најкраток рок и да биде доставен ана охридскиот аеродром. Дотогаш лекарите се принудени сомнителните случаи дa ги контролираат со рачен топломер.

Од мерките кои државата ги спроведува на аеродромот се делењето флаери за корона вирусот на кои има телефонски броеви на кои патниците би можеле да се обратат за помош и информации. Од Хотелската асоцијација на Македонија веќе побараа истите мерки кои се спроведуваат на аеродромот во Скопје, да се применуваат и во Охрид.

Коронавирусот продолжува да се шири низ Европа. Превенцијата и навремените и соодветни контроли се неопходни за детектирање на сомнителните случаи заразени со истиот. Симптомите вклучуваат покачена температура, болки во грлото, малаксаност, а компликациите се најчесто на дишните органи како бронхит и пневмонија.