Коритото на реката Пена во Тетово е преполно со отпад. На 700 метри воздушна линија од општина Тетово, реката изгледа како вистинска депонија. Во тој дел се забележува стар мебел, теписони, пластични шишиња и друг отпад. Жителите на населбата Дарданиа стравуваат од повторување на поплавите од август 2015 година.

Тие посочуваат дека има многу вода која се излева и прави штети. Загрижени се за уредувањето на коритото бидејќи ветувањата не изостануваат, а реализацијата на терен скоро и да ја нема. Тие стравуваат дека ваквата депонија на речното корито може да има сериозни последици како поплави кои претставуваат и закана по нивниот живот.

Во 2019 година кога почна и изградбата на дел од коритото на реката Пена во близина на болницата, општина Тетово вети дека ќе го истисти тој дел. Но како што можеме да видиме депонијата се уште не е исчистена.

„Станува збор за продолжување на речното корито на Пена во должина од околу 1000 метри и по проектирањето, општина Тетово ќе аплицира на еден од јавните повици на Министерството за животна средина и просторно планирање“, велат од Општина Тетово.

Но, од Министерството за животна средина, велат дека општина Тетово досега не аплицирала со ниту еден проект за изградба на речното корито на реката Пена.

„Досега општина Тетово не доставила ниту еден проект за уредување на речното корито. Рокот за апликација е до крајот на март“, велат од министерството за животна средина.

Дали ова е уште една манипулација на жителите на Тетово? Кој ќе ги сноси последиците за загадувањето на реката Пена, живиот свет во неа, како и животната средина? Ваквите депонии не само што претставуваат грда слика за јавноста, туку се и сериозна закана по животната средина и здравјето на луѓето. Колку долго ќе чекаме за да се реши овој проблем? Дали треба да се случи некоја катастрофа, па надлежните тогаш да го вклучат алармот? – се само дел од прашањата кои ги поставуваат загрижените жители по социјалните мрежи.