Помалку пари од пензискиот придонес кој го плаќаат граѓаните за приватните фондови, повеќе да остануваат за државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ). ВМРО-ДПМНЕ планира, ако победи на следните парламентарни избори, комплетно да го промени начинот на кој се делат парите меѓу државниот и приватните пензиски фондови, а тоа ќе се прави со намалување на делот од придонесите кои се издвојуваат кон друштвата од вториот задолжителен пензиски столб.

Ова го посочи Трајко Славески, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, инаку поранешен министер за финансии. Славески вели дека планираат и да иницираат законски измени со кои ќе се елиминира можноста за вложувања на парите од пензиските друштва во државни хартии од вредност. Партијата во опозиција смета дека на ваков начин ќе успее да го намали минусот во државниот фонд кој секоја година се зголемува, а се покрива со пари од државниот буџет.

„Првата мерка ќе биде во насока на намалување на процентот од придонеси кој се насочува кон вториот пензиски столб. Правиме анализи за оптимално одмерување на ова намалување. Втората мерка ќе биде во насока на внесување на законски измени, елиминирање на можноста за вложувања во државни хартии од вредност и релаксирање на рестрикциите за вложувања во одредени класи на средства во ЗКФПО. Од една страна државата се задолжува со цел финансирање на ЗКФПО, а од друга страна едни од доминантните купувачи на државните обврзници се токму задолжителните пензиски фондови, на кои државата во континуитет им исплаќа камата. Овој магичен круг мора да се прекине! Ова води кон рационализација и создавање фискален простор односно редуцирање на јавниот долг и стабилизирање на состојбите во ФПИОМ“, вели Славески.

Тврди дека на ваков начин ќе се намали големината на задолжителните пензиски фондови, а од друга страна, средствата кои ќе останат во нив, со измени во законските ограничувања на дозволени вложувања ќе дадат можност да бидат насочени кон повисокоприносни инвестиции, осигурувајќи високи пензии.