Во Тајланд, туристичката сезона трае во текот на целата година и периодот од крајот на ноември до почетокот на април е често најпопуларен. Но, деновиве, славните и некогаш зовриени локации изгледаат тивки и безживотни. Групи туристи од Кина некогаш делуваа како составен дел на пејзажот во градови како Бангкок, Патаја, Пукет и Чианг Маи. Денес тие ги нема.

Иако тајландскиот туризам претрпе жесток удар, истото се случи и со јавното здравство. Оваа земја има петта најголема стапка на заразени со „Ковид-19“, со број од 35 лица кои го добиле новиот вирус.

Поради строгите мерки донесени од кинеската влада за да се спречи ширењето на вирусот корона, милиони Кинези се спречени да патуваат во странство. За тајландскиот туризам, кој многу се потпира на кинеските посетители, тоа е сериозен удар.

Додека повеќето соседни земји воведоа построги забрани за патувања на кинеските патници кои влегуваат во земјата, Тајланд отиде во потполно спротивна насока. Владините агенции и локалните компании дури испраќаат пораки дека нивните врати се сè уште широко отворени за посетителите од Кина. По избувнувањето на коронавирусот, некои владини агенции, како што се Тајландската федерација за туризам и градското биро на Бангкок, снимија видеа како поддршка за народот во Кина.

Тајланд е многу зависна од туристите од Кина, а самата економија на земјата би можела да биде сериозно оштетена доколку вирусот не биде набрзо запрен. Претставник на локалниот одбор на професионални водичи за патувања, кој побара да останат анонимни, тврди дека луѓето практично се без работа, бидејќи 25.000 туристички водичи кои работат со кинески туристи немаат воопшто клиенти.

По зголемениот притисок од корисниците на социјални медиуми минатиот месец, тајландскиот министер за јавно здравје, Анутин Чарнавиракул, предложи привремено прекинување на тековниот режим на визи за кинеските туристи во Тајланд. Но, предлогот беше отфрлен од владата уште следниот ден.

Се чини дека министерот одеднаш се предомисли, само една недела подоцна, кога изјави дека наметнувањето на забрана за патување на кинеските туристи на Тајланд нема да и помогне на владата, во борбата против епидемијата.