Ние во текот на вчерашниот ден имавме состанок на Kомисијата за заразни болести и се даде препорака да се ограничат масовните јавни собири. Согласно законот за спречување на заразни болести врз основа на предлогот на оваа комисија, ова се предложи до Владата, истакна на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Владината седница ќе се одржи во 11 часот со една точна на дневен ред, одлука дали ваквата мерка ќе биде воведена.

Министерот истакна дека воведување на ваквата мерка е превенција од ширење на вирусот, а за одлуката од владината седница ќе информираат по нејзиното завршување.

Инаку, годинашното издание на меѓународниот Струмички карневал заврши синоќа со одржување на концертот под маски, а останатите содржини што требаше да се одржуваат до 4 март се откажани.

Во Прилеп, пак, за денеска напладне е закажана итна седница на Советот со единствена точка на дневниот ред – донесување одлука за откажување на 19-иот меѓународен карневал „Прочка 2020“. Со одлуката ќе значи дека се откажуваат сите тридневни карневалски организациски активности: денешната изложба на маски, утрешниот детски и големото карневалско дефиле што требаше да се одржи в недела.