Откако беше утврден првиот случај на коронавирус, Ковид-19, во Македонија започна да важи препораката на ограничување на јавните собири. Министерот за здравство, Венко Филипче, во медиумите даде изјава дека оваа препорака ќе важи до 6-ти март и се темели на пациентката заболена од коронавирус и на останатите кои се во изолација.

„Согласно анамнестичките податоци од пациентката, кога за првпат се појавиле симптомите, колку време претходно била во инкубација, сметавме дека мерката треба да важи за следната недела, до петок на 6 март“, рече Филипче.

Тој посочи дека е прерано да се знае дали би можело да дојде до ограничувања и на предизборните собири и настани, бидејќи кампањата за изборите започнува на 23-ти март. Оваа препорака за ограничување на јавните собири ги погоди карневалите во Струмица и Прилеп кои се одржуваат во чест на празникот Прочка по кој следува седум-неделниот велигденски пост. Исто така и натпреварот од ракометната Лига на шампионите помеѓу Вардар и францускиот Монпелје ќе се игра без публика.

СЗО на чело со нејзиниот шеф Тедрос Аданом Гебреизус соопшти дека ризикот од ширење и ефект на вирусот е подигнат на  „многу висок“. Тој посочи и дека ширум светот се работи на развој на 20 вакцини, а неколку од нив се тестираат клинички, со што првите резултати ги очекуваат за неколку недели.

Препораки за откажување јавни собири и за патувања без издадени од повеќе држави во светот. Швајцарија до 15-тимарт забрани собири на повеќе од илјада луѓе и го откажа саемот на автомобили во Женева. САД им препорачаа на своите граѓани да не патуваат во Италија, додека Германија откажа голем број меѓународни настани на своја територија и воведе дополнителни мерки за заштита на границите и аеродромите.