Бројот на заразени со коронавирус се зголемува во Италија, а Франција го затвори светски познатиот музеј Лувр додека епидемијата, која почна во Кина, шири страв низ Западна Европа, заканувајќи ѝ се на нејзината туристичка индустрија.

Вирусот се рашири во повеќе од 60 земји, а повеќе од 3.000 луѓе умреа од болеста ковид-19, која ја предизвикува.

Новите борбени фронтови во битката се отворија брзо, продлабочувајќи го чувството на криза, поради што финансиските пазари веќе опаѓаат, улиците во многу градови се празни, а дневните навики на милиони луѓе се нарушени. Повеќе од 88.000 се заразени, на секој континент освен на Антарктикот.

Австралија и Тајланд во неделата ги објавија првите смртни случаи, додека Доминиканската Република и Чешката Република ги регистрираа првите заразени.

Италијанските власти соопштија дека бројот на заразените во земјата се искачил за 50% на 1.694 за само 24 часа, а уште петмина починале, со што бројот на починатите таму достигна 34. Случаите во Франција се искачија на 130, што претставува зголемување за 30 во еден ден.

Кина, каде што почна епидемијата во декември, денеска пријави 202 нови случаи, што е најниско зголемување од 21 јануари. Најголем број од новите заразени се во градот Вухан, но исто така, регистрирани се и 2.570 оздравени пациенти.

Вкупниот број заразени во Кина сега е 80.026, со 2.912 починати, огромно мнозинство во Вухан и околината на покраината Хубеи, во која сè уште се наоѓаат околу три четвртини од заразените во светот.

Јужна Кореја е втора во светот со 4.212 заразени, претежно во и околу југоисточниот град Даегу. Таа пријави 22 починати. Бројот на починатите во Иран се искачи на 54, а бројот на заразените скокна преку ноќ за повеќе од половина, на 978.

Бројот на заразените во САД се искачи на најмалку 88 со два смртни случаи, двата во државата Вашингтон.

Додека вирусот предизвикува сериозна болест главно кај постарите лица и оние со веќе постоечки здравствени проблеми, повеќето имаат благи симптоми, а некои заразени очигледно не покажуваат никакви симптоми.

Но обидите да се ограничи ширењето на вирусот се опсежни.

Спортските тимови играа на празни стадиони во Јапонија и Јужна Кореја, откако лидерите препорачаа да нема јавни собири. Туристичките атракции низ Азија, Европа и Блискиот Исток се затворени или напуштени. Најсветите места на исламот се затворени за странските верници. Владите ги затворија училиштата и советуваат да се работи од дома.

Ограничувањето на патувањата во Италија и гласниот аларм во Франција може да предизвикаат голем удар врз туристичката индустрија на земјите. Пролетта, особено Велигден, е најпопуларен период за учениците да ги посетуваат Франција и Италија.

Обединетите нации во неделата соопштија дека пуштаат 15 милиони американски долари од фондот за итни случаи за да им помогнат на земјите со слаби здравствени системи да го скротат вирусот.

Во Франција, парискиот надбискуп им кажал на парохиските свештеници да го стават лебот за причестување во рацете на верниците, а не во нивните усти. Во Јужна Каролина, Римокатоличката епархија од Чарлстон ги замолила своите парохијани да не пијат од чашата за причестување и да не се ракуваат.

Француските власти, пак, ги советувале луѓето да се откажат од вообичаеното бакнување во образ при поздравување со другите.

Лувр, домот на „Мона Лиза“ и на други бесценети уметнички дела, е затворен откако работниците изразија страв дека ќе бидат заразени од приливот на посетители од целиот свет. Вработените биле загрижени и поради музејските работници од Италија што дошле во Лувр за да соберат дела од Леонардо да Винчи што биле позајмени за изложба.

Лувр, најпопуларниот светски музеј, минатата година прими 9,6 милиони посетители, скоро три четвртини од странство.

„Многу сме загрижени затоа што имаме посетители од секаде“, рече Андре Сакристин, вработен во Лувр и претставник на синдикатот. „Ризикот е многу, многу, многу голем“. Иако засега за ниеден од 2.300-те работници во музејот не е потврдено дека е заразен, „тоа е само прашање на време“, рече тој.

Затворањето следува по владината одлука во саботата за забрана на затворено јавно собирање на повеќе од 5.000 лица.