Анестезиологот ќе одговара за смртта на родилката во „Санте плус“

По сеопфатна претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице кое се товари дека сторило едно кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето од…

По сеопфатна претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице кое се товари дека сторило едно кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 4 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1, како и едно кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 3 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, на 18.01.2018 година, како лекар специјалист – анестезиолог, при укажување лекарска помош, применил очигледно неподобен начин на лекување и со тоа предизвикал смрт кај едно лице – родилката Дебора Ќерими – Џамбази, како и тешко нарушување на здравјето на нејзиното новороденче.

Спротивно на Законот за здравствена заштита, обвинетиот вработен на Универзитетската клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување, склучил Договор за дело со приватна здравствена установа, со кој се обврзал да ги извршува работите на работно место доктор-анестезиолог во периодот од 16.01-28.01.2018 година. Притоа, тој го склучил договорот без да го поседува потребното работно искуство во специјалноста над две години и без да постои договор меѓу клиниката во која работел и приватната болница. Во исто време, приватната здравствена установа била надвор од мрежата и согласно Законот за здравствена заштита немала право да ангажира здравствени работници за вршење дополнителна дејност.

На овој начин тој се приклучил на оперативниот тим во кој биле двајца лекари специјалисти – гинеколози кои на 18.01.2018 година вршеле хируршки зафат – царски рез врз сега починатата родилка. Обвинетиот започнал со воведување на пациентката во општа анестезија, но ендотрахеалниот тубус наместо во дишните патишта, првично го поставил во луменот на хранопроводникот што предизвикало недостаток на кислород во организмот од тежок степен и трајни оштетувања на витално важни органи. Од тие причини, кај родилката настапил смртен исход, а кај нејзиното новороденче биле предизвикани трајни и значителни оштетувања на мозочното ткиво.

Од обезбедените материјални докази од сите релевантни институции кои поседуваат документација, како и од медицинските вештачења од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, произлезе дека во овој предмет од кривично-правен аспект постојат елементи на кривична одговорност за едно лице. Исто така, од сите обезбедени докази, од прекршочно-правен аспект произлезе дека постои основ и за прекршочна одговорност, па така, обвинителството во јануари 2020 година до Министерството за здравство поднесе Иницијатива за покренување прекршочна постапка против две правни лица, против одговорните лица во тие две правни лица, како и против двајца други здравствени работници – доктори.

Иницијативата за прекршочна одговорност за двете правни лица е поведена заради констатирани прекршоци од член 306 став 3 во врска со став 1 алинеја 4, како и член 305 став 1 алинеја 1 од Законот за здравствена заштита.

За одговорните лица во правните лица се утврдени прекршоци согласно член 306 став 2 во врска со став 1 алинеја 4 и член 305 став 2 во врска со став 1 алинеја 1 од Законот за здравствена заштита. Двајцата здравствени работници, пак, сториле прекршок согласно член 305 став 3 во врска со став 1 алинеја 1 од Законот за здравствена заштита.


Related Articles