Дури 93 отсто од вкупно заболените од коронавирусот во светот се од четири држави, соопшти Светската здравствена организација, со проценка дека мнозинството од пациентите ќе се излекуваат.

Во светот, досега, има вкупно 116.460 заразени, од кои починати се 4.091, а излекувани се 64.750 пациенти.

Најголем број заболени има во Кина, од каде и изби епидемијата. Таму има 80.761 случај на заболени од Ковид-19 (3.136 починати). Следува Италија со 9.172 случаи (463 починати), па Иран со 8.042 заразени и 291 починат и Јужна Кореја со 7.513 заразени и 54 починати.

Во Европа, освен Италија, најмногу заразени има во Шпанија (1.650 заразени/35 починати), Франција (1.412 заразени/30 починати) и Германија (1.307 заразени/двајца починати).

Во меѓувреме, на Јутјуб се појави видео во живо, кое прикажува разни инфографики за коронавирусот. Видеото се емитува од 30 јануари без запирање, а неговиот автор вели дека сака на сите да им овозможи увид во податоците за актуелната ситуација.

Податоците ги повлекува од националните центри за контрола на болести ширум светот. Видеото покажува и кога за која земја ќе бидат достапни нови податоци, но и графикони кои појаснуваат како заразата се движи во светот.