Министерот за здравство, Венко Филипче, ќе побара здравствените работници во следните 14 дена да ги откажат и приватните патувања. Овој предлог ќе го достави до Владата на денешната седница.

„На Владата сакам да ѝ препорачам уште една мерка по препорка на Комисијата за заразни болести, а тоа е здравствените работници во следните две недели да ги откажат и приватните патувања заради тоа што е многу непревидливо дали некоја од земјите за кратко време ќе влезе во групата на земји со висок ризик па да треба тие да бидат во самоизолација од 14 дена. Сега секој здравствен работник ни е навистина драгоцен“, рече министерот Филипче.

За новите мерки за заштита од коронавирусот министерот Филипче најави дека ќе информира на следната прес-конференција.

Забраната за приватни патувања доаѓа откако директоркатa нa Клиниката за дерматологија по враќањето од приватно патување не се самоизолирала, туку пет дена доаѓала на работа, а била и на симпозиум поради што во понеделникот во излоација беа ставени близу 200 луѓе кои имале контакт со неа.