Бројот на заболени од коронавирусот во земјава достигна 12. Министерот за здравство, Венко Филипче најави дека од десетици лица кои биле во изолација и се тестирани, 4 биле позитивни и во моментов имаат лесна клиничка слика. Сите 4 се од Дебра и биле во контакт со втората група на заразени од оваа општина. Поради сегашната состојба во која 11 од заразените се од Дебар и Центар Жупа, Владата прогласи кризна состојба во овие две општини. Во овие општини се препорачува ограничено движење на жителите.

Здравствената состојба на жената која заедно со сопругот беа првите заразени од короновариусот во Дебар е влошена и таа можеби ќе биде поставена на респиратор за дишење. Властите во меѓувреме повикуваат на строго придржување кон мерките против коронавирусот, меѓу кои најважни се останувањето дома, честото миење на рацете, избегнувањето на затворените места со многу луѓе. Посебно се апелира до родителите да не го користат вонредниот училишен одмор за да ги испратат своите деца на игралишта и други активности каде има многу деца.