Коронавирусот е најопасен за стари лица и за оние со слаб имунитет. Првите смртни случаи во сојузната држава Вашингтон ги алармираа здравствените работници за состојбата во домовите за стари лица низ целата држава.

Првите луѓе кои починаа на крајот од февруари во САД од коронавирус, беа во Дом за стари лица во Киркланд, Вашингтон.

Досега, повеќе од 20 лица починаа во оваа сојузна држава, најголем дел од нив од овој дом за стари лица.

Ова е многу тешко време за Ванеса Фелпс, чија 90-годишна мајка е сместена таму, каде посети не се дозволени откако институцијата беше ставена во карантин.

Таа е исплашена, депресивна и нервозна. Оваа недела особено и` е тешко оти не можам да ја посетам
Ванеса Фелпс, ќерка на лице во Домот за стари лица во Киркланд, Вашингтон

Здравствените работници стравуваат дека Ковид-19 ќе се прошири во домовите за стари лица.

„Загрижени сме. Искуството од сојузната држава Вашингтон покажа дека вирусот е смртоносен за постарите и за оние со слаб имунитет. Треба многу да се внимава да се спречи ширењето на вирусот во овие центри“ рече Глен Вортман, лекар.

„Ситуацијата во Вашингтон е трагична. Од ова стравувавме уште од првиот ден кога се појави вирусот“ вели Ен Шачет, Центри за контрола и превенција на болести.

Причина за загриженост е и недостигот на тестови за коронавирус, поради што лицата во старечките домови се ставаат во карантин додека чекаат да бидат тестирани. Тоа, пак, им предизвикува анксиозност и на семејствата, како Фелпс.

„Кога се случуваат вакви итни ситуации, треба да бидете подготвени. Одвојте ги лицата кои имаат вирус од оние кои немаат. Тестирајте ги сите. Јас се тестирав двапати во една недела, а мајка ми ниту еднаш. Ова е недозволиво“ вечо Ванеса Фелпс.

Здравствените лица работат на тоа, и даваат инструкции за постапување.

Ако лице кое престојува во ваков дом добие температура, кашлица или има проблеми со дишењето, вработените веднаш треба да му пружат соодветна нега, како и да осигураат дека вирусот нема да ги афектира и другите во домот
Клиф Мичел, Оддел за здравство на Мериленд.

И вработените и посетителите во домот, исто така, треба да поминат во карантин две недели, ако сметаат дека биле изложени на вирусот.

Меѓу нив и Ванеса Фелпс.

„Буквално сум парализирана. Не можам ниту да плачам. Мора да се смирам за да се заштитам себе си“ вели Фелпс.