Како мерка во борбата со коронавирусот, Словенија од ноќеска на полноќ комплетно го забрани патничкиот авио сообраќај.

Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, забраната за летови до земјите членки на Европската унија ќе трае до 30 март, а до и од другите држави додека има потреба за тоа.

Сепак забраната не важи за авионите кои пренесуваат производи или пошта и оние чија редовна база е некој од аеродромите во Словенија. Дополнително дозвола за летање ќе добијат и сите хеликоптери кои ќе носат лекови, медицински материјал или превезуваат болни лица.

Според Министерството за надворешни работи се уште има словенечки државјани кои се во трети земји и не можат да се вратат дома. Од таму информираат дека државата прави напори да ги врати, а за тоа соработуваат и со руските власти бидејќи во Словенија има заглавени руски државјани. Едно од можните решенија е руски авиони да ги донесат Словенците во Љубљана, а со истите специјални летови руските државјани да се вратат дома.

Од компанијата Фрапорт која оперира со аеродромот Брник крај Љубљана, велат дека тој и понатаму ќе остане отворен токму за специјалните летови. Сепак најголем дел од 482 вработени ќе бидат пуштени дома и ќе добиваат и 80 отсто од платата.