Епидемијата со корона вирусот во Европа и кај нас ескалира. Од тука произлегува дека учебната година во училиштата и факултетите практично е завршена, но учењето се разбира не трeба и не смее да заврши без оглед на состојбата во која се наоѓаме, особено затоа што кога ќе помине оваа состојба на државата ќе и требаат сите кадри за надминување на кризата, која потоа ќе биде евидентна, особено во економијата, стопанството и секако во сите области на општеството, вели Проф-др Весна Јаневска, член на Комисија за образование на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение интегралниот став на Јаневска.

-Слушам дека наставниците добиваат некакви упатства за онлајн учење од разни извори без конкретни препораки. Ако е тоа така не е соодветна мерка која државата, Односно Владата треба да ја преземе.

Со оглед на незадоволителната состојба во нашиот систем за образование, што се гледа на пример и од ПИСА тестирањето, потребно е државата да преземе организирани стратегии, методи и алатки за учење.

Најконструктивно му препорачувам на МОН и БРО да изготват стратегија за далечинско учење. Да одберат платформа или апликација, Зум, Гугл шоларс или друга, да изготват шаблон (темплејт) за секој наставен предмет, да посочат алатки кои ќе се користат за изготвување на наставни програми, што значи да го унифицираат начинот на наставата со цел да им олеснета на наставниците да ја извршуваат својата должност. При тоа, препорачувам да се користат визуелни материјали, слики и кратки видеа за на учениците кои се дома материјалот да им биде современ и да побудува интерес. Да се организираат видео конференции и семинари. Учениците да добиваат домашни задачи и да решаваат тестови.

Неопходни се препораки и образование на родителите на децата со попреченост. Вниманието кое треба ним да им се посвети не смее да прекине, затоа што тие всушност имаат најголема потреба од континуиран напредок.

За високото образование препорачувам Ректорот да даде смерници до Деканите, а тие на катедрите. Професорите целиот свој материјал,  да го направат достапен за студентите. Препорачувам проектни задачи, семинарски работи и се разбира и меил комуникација.

За учениците кои немаат можност за користење посовремени апликации предлагам и меил задачи, а за тие кои не можат ни тоа да го остварат предлагам националните телевизии да одвојат време за едукативни програми во почетокот, а потоа за подготвени и снимени наставни програми – ТВ училници.

Нашата држава има огромен потенцијал меѓу наставниците и професорите, но неопходно е тој да се организира и канализира за и во вакви тешки времиња да го пренесеме она што е секогаш и секаде најважно ЗНАЕЊЕТО. Како што е во моментот очигледно, нема борба против корона вирусот без знаење.