Трговците да ги почитуваат мерките што се однесуваат на коронавирусот во делот на замрзнување на цените, апелираа надлежните. Инспекциите се на терен, а казните изнесуваат осум илјади евра за правно лице и 2.400 евра за одговорното лице. Покрај замрзнување на цените на основни продукти, се замрзнуваат и цените на јужното овошје.

-Би сакал да ги повикам сите компании посебно големите и малите трговци, но истовремено и производителите на прехранбени производи да ги почитуваат одлуките од Владата за цените, бидејќи одлуките се конкретни, концизни и прецизни. Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) работи и ги прави соодветните контроли, но апелирам граѓаните да пријавуваат  неправилности на бесплатниот телефонски број 191, истакна вчера министерот за економија Крешник Бектеши, потсетувајќи дека е донесена одлука за замрзнување на цените на јужното овошје.

Тој истакна дека Министерството за економија првично презеде мерки што се однесуваат на замрзнување на цените на одредени производи, посебно на основните прехранбени производи и соодветно на своите надлежности, забрани и извоз на брашно и пченица за други држави. Ги повика компаниите да не ја користат можноста за правење профит, бидејќи, како што рече, сега не е време за тоа.

Инспекциските служби во периодот од 19 до 22 овој месец спровеле вкупно 11.358 надзори на терен во насока на спроведување на владините мерки за справување на ширење на корона вирусот, информираше претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Државниот пазарен инспекторат од 19 до 22 март спровел 869 надзори за контрола на замрзнатите цени, при што кај одредени трговци од малопродажба е констатирана промена на цените на неколку производи, но субјектите, како што беше соопштено вчера, се веднаш задолжени да постапат по одлуката и да ги вратат старите цени од 11 март годинава.

– Нашите инспектори и таму постапуваат. Онаму каде што нема да извршат намалување, односно корегирање на цената со 11 март од страна на инспекторите, казните се големи. Согласно Законот за трговија изнесуваат осум илјади евра за правно лице и 2.400 евра за одговорното лице. Затоа апел да ги почитуваат одлуките и да ги вратат цените на нивото на 11 март годинава, изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.

Дел од компаниите што увезувале јужно овошје намерно имале шпекулативен однос кон пазарот и тие артикли не ги појавувале со цел цената да се зголеми.

Нагласи дека контролите што ги вршат, особено кај големите трговци со јужно овошје, малку ќе потраат за најпрво да се видат залихите што ги имале, а што набавувале после 11 март, со цел да се утврди најголемата маржа што може да ја користат.

– Верувам дека лимоните ќе бидат поскапи, но нема да бидат овие цени како денеска, каде има и до 50 проценти разлика. Ако имале разлика во цена од 1 јануари до 11 март – 20 до 25 проценти, нивото на маржа ќе мора да го вратат на тоа ниво, истакна Пауновски.

Владата донесе одлука да се замрзнат и цените за потрошен медицински материјал и медицинска опрема и апарати согласно  цената која била утврдена на 11 март кога СЗО прогласи пандемија на корона вирусот. Цените ќе се применуваат до 30 април годинава.

Целта на оваа мерка е да се вратат цените на маските, ракавиците и друг медицински материјал и опрема кои, како што кажа, во изминатите неколку дена пораснале за неколку пати поради зголемената побарувачка од граѓаните како средства за основна заштита од Ковид 19.

Се најавуваат и дополнителни мерки во делот на намалување на царините на барање на компаниите од месната и прехранбената индустрија со цел намалување на цените и овозможување непречено работење на оваа индустрија и увоз на репроматеријалите кои им се потребни.