Др.Стојаноски: Почитувајте ги препораките на СЗО, не земајте лекови на своја рака

Доктор Синиша Стојаноски упатува важни совети до македонските граѓани на тема мерки и заштита од коронавирусот. Тој ја потенцира важноста од почитување на препораките на Светската здравствена организација. Порачува да…

Доктор Синиша Стојаноски упатува важни совети до македонските граѓани на тема мерки и заштита од коронавирусот. Тој ја потенцира важноста од почитување на препораките на Светската здравствена организација. Порачува да не дозволиме да ни се случи сценариото како во Италија, а еден од најважните совети кои им ги дава на граѓаните е никако да не земаат медикаменти на своја рака.

Треба ли граѓаните да бидат загрижени и исплашени од коронавирусот?

Стојаноски: Станува збор за нов тип вирус т.н. SARS-CoV-2  од фамилијата Coronaviridae. Дел од вирусите од оваа фамилија се долги години познати на модерната медицина и се присутни и во нашата популација. Тие се предизвикувачи на благи респираторни заболувања без посериозни последици по здравјето на луѓето. Два типа вируси од оваа фамилија, а тоа се Severe Acute Respiratory Syndrome Coronavirus (SARS-CoV) и Middle East Respiratory Syndrome Coronavirus (MERS-CoV) кои што се појавија во 2003/4 год. и во 2012 год. покажаа способност да предизвикаат епидемија, со фатални последици.

SARS-CoV-2  веќе предизвика пандемија и во споредба со своите претходници, има сериозна стапка на фатални исходи, како поради способноста да предизвика тешка форма на зафаќање на белите дробови (акутен респираторен дистрес синдром), така и поради можноста да зафати и други органи и системи во човековиот организам. Особено се осетливи постарите луѓе, со нарушен имун систем и коморбидитети (други хронични заболувања како на респираторниот систем, така и системси заболувања кои ја ослабуваат одбрамбената моќ на организмот).

Вирусот доминантно се шири по воздушен пат преку вдишување на Флигеови капки кои заразениот ги исфрла во форма на аеросол преку кашлање, кивање, гласно зборување. Може да се пренесе и индиректно, преку рацете, со допир на површини и предмети на кои вирусот се задржал по исфрлањето од телото (постојат податоци за голема отпорност на вирусот и во надворешната средина) па потоа да се допрат устата, носот или очите и на тој начин вирусот да продре во нашиот организам.

На вашето прашање дали треба да сме загрижени и исплашени од овој тип на вирус, ќе одговорам дека дефинитивно треба да му пристапиме максимално сериозно и целосно да ги почитуваме препораките од СЗО. Не смееме да дозволиме во никој случај кај нас да се повтори сценариото од Италија, бидејќи и многу побогати и поопремени здравствени системи од нашиот, не би успеале да се справат успешно со такво сценарио.

Како ги оценувате мерките кои досега се превземени од страна на Владата преку министерот за здравство Венко Филипче?

Стојаноски: Мерките кои се превземаат треба да одат во насока на искуствата од Н.Р Кина, која што успешно го стави под контрола ширењето на овој вирус, Ј.Кореа, каде што преку еден масовен скриниг  и тестирање на населението прилично успешно се изменаџира состојбата и секако според препораките на СЗО, прилагодени кон спецификите на секоја земја. Исто така, епидемиолошките протоколи се јасно дефинирани за секоја епидемија и пандемија, како што е и сега случајот со корона вирусот, и треба без исклучок да се применуваат и кај нас во актуелната ситуација.

Мерките кои се превземени кај нас, со оглед дека имавме доволно време пред да се појави првиот регистриран случај, можеше и требаше да отпочнат многу порано и со многу поефективна и построга динамика. Така ќе имавме можност за многу посигурна контрола на границите, пореална слика за состојбата на терен и ќе можевме да обезбедиме навремено адекватна заштитна опрема за медицинскиот персонал во доволни количини. Можевме јасно, недвосмислено и навремено да ја дефинираме улогата на примарната, секундарната и терциерната здравствена заштита, да обезбедиме доволно тестови и адекватна апаратура за потенцијално тешките форми на заболени пациенти.

Во реалноста, на границите (како по воздушен, така и по копнен пат) поминаа недетектирани голем број на повратници од кризните региони. Истите тие не ги почитуваа во целост препораките за самоизолација, голем дел од нив дури и свесно ги лажираа податоците и за жал дојдоа во контакт со голем број здрави луѓе. Сега се соочуваме со секојдневни апели на медицинскиот персонал кој што бара основна заштитна опрема за да може да ги извршува своите работни обврски. Дел од нашите колеги се позитивни на тестовите за SARS-CoV-2. Се соопштува на прес конференции секојдневно бројка на новооткриени случаи, но прашањето кое се наметнува е колку е таа бројка навистина релевантна и реална?

На која бројка на тестирани пациенти се всушност овие новооткриени заболени. На социјалните мрежи има апели од граѓаните кои бараат начин како да се тестираат. Многу често тие тврдат дека преку мој термин немаат можност да се тестираат во наредните 2-3 дена, а по тестирањето, според она што го читаме, се покажало дека тестот е позитивен.

За поздравување е мерката на органичување на движењето, особено на ризичните категории на граѓани, и тоа ќе помогне во спречувањето на дополнителното ширење на вирусот. Да се надеваме дека ќе успееме да ја држиме ситуацијата под контрола и дека нема да има голем број на пациенти со најтешка форма на болеста кои потенцијално би имале потреба од интензивно лекување.

Кои се вашите совети за тоа како граѓаните треба да се заштитат од коронавирусот?

Стојаноски: Граѓаните мораат доследно да ги почитуваат препораките од СЗО, како во однос на избегнување на контактите и лимитирање на непотребното движење, така и во однос на одржувањето на личната хигиена, хигиената на облеката, обувките и производите кои ги внесуваат во своите домови и секако примената на опремата за лична заштита и заштита на лугето со кои што доаѓаат во контакт. Никако и под никакви услови, и ова го потенцирам, не смеат граѓаните да земаат медикаменти на своја рака во насока на “превенција“ на вирусот.

Единствен сигурен начин на кој што засега широката популација може да се заштити од овој вирус е да не дојде воопшто во контакт со вирусот. На тој начин, ќе си помогнат и самите себе, ќе ги заштитат своите најблиски, а и ќе помогнат на медицинскиот персонал, полицијата, војската и сите оние кои што во овој период мора да се на своите работни места и заслужуваат секаква пофалба и респект за ризикот кој што го превземаат согласно обврските на професијата.


Related Articles