За поддршка на граѓаните, буквално од сите возрасни групи на располагање е Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје чии вработени пружаат адекватна психијатриско-психолошка терапија и се на располагање во секое време за интервјуа, прашања, сугестии за ковид-19 и справување со самоизолацијата, која е предвидена како клучна мерка во новонастанатата ситуација во РСМ. Како функционира ова давање поддршка за МКД.мк објаснува проф. д-р Славица Арсова, психијатар во Клиниката.

„Нашата поддршка се состои во растоварување на потешкотиите на граѓаните кои им се јавуваат од една страна поради стравот од самата инфективна болест, а од друга страна заради социјалната депримација, односно заради изолацијата која влијае на сите структури. И на повозрасните и на оние што се родители со деца, и на децата и на адолесцентите. Работиме главно на редукција на стравот со пренасочување на вниманието, со техники кои се користат за релаксација, техники на дишење или автоген тренинг и други техники што ја зголемуваат поддршката, самодовербата, го намалуваат стравот кај граѓаните. Стравот е очекуван, но нашата идеја е да не ги преплави луѓето, па да не можат да се справат сами со себе“, вели Арсова.

Инаку, на Клиниката за психијатрија по почетокот на епидемијата активностите се телефонски односно телемедицински, па редовните амбулантски термини со пациентите се спроведуваат со видеоврска што овозможува социјална дистанца, но и квалитетен контакт со пациентите. Освен тоа има повеќе бесплатни телефонски линии за граѓаните, со цел психолошка поддршка на различни групи на граѓани, па така има телефонски линии за адолесценти, за деца, за родители што се сега со деца што не се на училиште или предучилишни деца, за мајки што се во тек на бременост или во период по породување, за лица со попреченост, за лица со пречки во развојот, за лица со потешкотии во однос на слух и говор, за лица од албанско говорно подрачје, за лица што се во самоизолација. Во поддршката вклучени се и специјализанти по психијатрија и нивни колеги што се на практика, а сакаат да помогнат.

Во врска со тоа од која возрасна група има најмногу повици и барања за поддршка, д-р Арсова вели дека има различни, се јавуваат луѓе што се во изолација или пак се сами во изолацијата, како и родителите, кои сега се со децата па не знаат што да прават, како да им го организираат времето, кои содржини да ги вклучат, како да се справат со училишната настава или со пропуст во наставата или, пак родители со мали деца што имаат потешкотии како да им го организираат денот.

Но како ги прифаќаат советите?

„Сите ги прифаќаат добро, желни се за соработка. Имаат потреба за каква било помош со цел секој полесно и на свој начин да се справува со дадената ситуација. Некој е понапнат, некој повознемирен, некој пораздразлив, некој има потреба повеќе да зборува, некој има потреба да молчи, зависи кој со какви механизми се служел и претходно“, објаснува д-р Арсова.

Сите, вели, прашуваат колку ќе трае ова, но никој нема одговор на тоа прашање. Сепак, луѓето го покажуваат стравот.

Една од возрасните групи на кои во моментов им треба поддршка и разбирање, според неа, се тинејџерите

„Тинејџерите се јавуваат сами. За нив е тешко тоа што на нивната возраст сега им е најбитно дружењето, девојки, момчиња, дружење со врсници, а тоа им е ускратено. Тие се социјално депримирани и затоа добро би било родителите да имаат разбирање за адолесцентите во овој период, бидејќи кај нив на прво место е дружењето, кое сега им го ускратуваме заради заразата. Би било добро родителите да не бидат толку ригидни во однос на своите ставови, па сега да воведуваат некои нови воспитни мерки. Треба малку повеќе разбирање зашто и тие поминуваат низ сопствена криза како и другите“, вели д-р Арсова.

Што се однесува до случите малолетници да го прекршуваат полицискиот час, објаснувањето е дека можеби е обид за бунтовништво, бидејќи „адолесцентниот бунт секогаш се манифестира со обиди за кршење на рамките наметнати од општеството. А може да биде и страв, потреба да се групираме“. Сепак, тоа не е масовна појава, туку има исклучоци, групи или индивидуи.

Како да се надмине кризата? Што советуваат експертите?

„Добро би било да си направиме распоред на денот, да имаме содржини, да не го оставиме денот да ни биде празен, па да не знае некој што да прави цел ден, независно дали живееме сами или во потесно или пошироко семејство. Да се обидеме да си ја подобриме меѓусебната комуникација, да си ги подобновиме оние социјални вештини кои сме ги подзаборавиле, а и да вклучиме некои нови. Да се научиме како да комуницираме меѓусебно, партнерите, родителите со децата или со нашите родители. Иако секогаш не е физички можно, добро би било да се јавуваме на телефон и да ги прашуваме како се како го поминале денот, како се чувствуваат.

Добро било да се прават вежби по дома, да се изгледа филм и да се искористи времето за личен раст и развој, да станеме подобри луѓе, на личен план. Како личности да станеме подобри, да излеземе поквалитетни кога ќе излеземе од кризата. Да ги извештиме човечките особини од типот на благодарност, благородност, етика, естетика, хуманост, да имаме разбирање за луѓето околу нас и да даваме поддршка. Тоа нè прави поблагородни како луѓе“, советува д-р Арсова.