Педијатар Арсовска советува како да ги заштитиме, но и едуцираме децата од коронавирус

Маргица Арсовска, педијатар во општата болница во Куманово, во интервју за еден наш познат електронски медиум открива како да ги заштитиме дечињата од коронавирусот и како да им објасниме со…

Маргица Арсовска, педијатар во општата болница во Куманово, во интервју за еден наш познат електронски медиум открива како да ги заштитиме дечињата од коронавирусот и како да им објасниме со што се соочуваме.

-Имајќи го во предвид фактот дека Корона вирусот се пренесува од човек на човек (директен контакт со раце и капков пат), препораките кои се однесуваат на возрасните, а кои постојано ги слушаме и читаме од страна на Министерството за здравство, но и СЗО, секако дека се однесуваат и на малите и на поголемите дечиња. Седењето дома и одржување на хигиена на раце е најефективната мерка за заштита и спречување на ширење на Корона вирусот. Се препорачува миење на рачиња со сапун и вода најмалку 20 секунди, а доколку не сме во можност да им ги измиеме, тоа може да го сториме и со средство за дезинфекција кое содржи минимум 60% алкохол, посочува д-р Арсовска.

Во однос на неопходното напуштање на домовите заедно со дечињата, д-р Арсовска препорачува да се одржува растојание од најмалку 2 метри, да се избегнува било каков контакт со болни лица (кашлање, кивавица, лица со покачена температура…), но и престој во соба со многу луѓе. – Да ги научиме да не се допираат за лицето (очи, уста, нос), доколку им се кива или кашла треба да користат марамче или да се накашлаат во лактот од внатрешната страна, а тоа е можно бидејќи дечињата брзо учат. Кога се децата во прашање најважно е да се одржува редовна хигиена дома и да се врши редовна дезинфекција на мобилните телефони, клучевите, играчките, кондурите, предмети кои се допираат, вели таа.

Бидејќи на децата во целост не може да им биде јасна целата оваа ситуација на пандемија, а оние помалите и не знаат што значи зборот епидемија или пандемија, д-р Арсовска вели дека родителите ја имаат клучната улога во пребродувањето на овој тежок период. Пристапот кон децата зависи од нивната возраст. Сосема нормално е да се јави чувство на страв, неизвесност и вознемиреност и истото да се пренесе и на децата. Треба да им овозможиме да останат физички активни, да имаме активности со кои ќе ги заинтересираме и со кои ќе им го задржиме вниманието. Игри во двор, домашен аеробик, да останат социјално активни преку телефонски разговори и интернет, посочува таа. Да им се објасни дека образованието останува нивна обврска и дека треба да се следат онлајн часови во домашни услови, бидејќи во моментот друго решение нема. Истото се однесува и за помалите дечиња – треба да останат да бидат вклучени во едукативниот процес. За децата кои одат на училиште ова е многу тежок и напорен период, меѓутоа мислам дека медиумите се толку едукативни и информативни, што тие самите веќе ја сфатија опасноста од вирусот, но и мерките за заштита, препорачува д-р Арсовска.

Во однос на исхраната кај децата и примањето на витамини, препораките на д-р Арсовска се да конзумираат здрава и квалитетна храна, храна богата со витамини, минерали, олигоелементи. Добрата и правилна исхрана допринесува за правилен раст и развој, како и за појак имунолошки систем. Потребна е и суплементација со Витамин Ц, Витамин Д, Омега 3 масни киселини и пробиотици кои исто така ќе допринесат детскиот организам полесно да се справи со инфекците, а посебно со респираторните кои се и најчести во детската возраст.

– Сакајте ги, милувајте ги и чувајте ги дечињата, бидејќи тие се нашата иднина. Посветете им внимание, одговарајте им на многуте прашања, учете ги како да се однесуваат, како да внимаваат на себе и на другите околу нив, учете ги како да бидат здрави. Никогаш сме немале повеќе време на располагање од сега, па да го искористиме правилно, вели д-р Арсовска.


Related Articles