Институтот за јавно здравје на Косово (ИШПК) објави дека во текот на вчерашниот ден во земјата се потврдени нови 15 случаи кои по извршените испитувања резултирале со позитивни наоди на Ковид-19, со што официјалната бројка на заразени со новиот вирус во земјата достигна 377, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според синоќешното соопштение на ИШПК во Лабораторијата за молекуларна микробилогија се тестирани примероците на 154 лица за кои постоело сомневање дека се можни носители на вирусот. Вкупната бројка на тестирани од 8 февруари, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 3.410.

Најмногу од новите случаи кои вчера беа позитивни на новиот вирус, или вкупно девет се од општина Сува Река, тројца се од Гњилане, а по еден од општините Урошевац, Малишево и Лепосавиќ.

Oд појавата на првите заразени, на 13 март, досега како излечени од коронавирусот се потврдени 63 лица, од кои четворица вчера. Во понеделникот, како последица на заразата, почина една 38-годишна жена, со што бројот на жртвите на епидемијата во Косово се искачи на осум.