Во штипската болница уште две медицински лица се заразија со коронавирусот. Меѓу заболените има сестра од операциона сала, анестезиолог, но најголем дел од нив се од Инфективното одделение. Вкупниот број на заболени здравствени работници се искачи на шест.

Две сестри и двајца болничари од истата болница од одделението за ортопедија се во самоизолација. Еден од нив бил во контакт со пациент кој во болницата бил донесен поради проблеми со колкот, а неколку дена подоцна тестот за коронавирус бил позитивен.

Во Кочанската општа болница е регистриран сличен таков случај каде на интерното одделение бил хоспитализиран пациент кој претходно се лекувал на Клиниките во Скопје. Од болницата информираат дека сношти му е дијагностициран коронавирусот.

Медицинскиот кадар е оној кој е најизложен на заразниот Ковид-19. Првата одбранбена линија се соочува со сериозен недостиг на медицинска заштитна опрема, апелираат лекарите. Епидемиолозите, пак, работат на тоа колку од медицинскиот персонал ќе биде тестиран или ставен во самоизолација. Општата болница од Куманово има најголем број на заразени, дури 44 здравствени работници..