Во Јужна Кореја надлежните се обидуваат да ја решат мистеријата – зошто 163 лица кои се излекувале од ковид-19, на повторните тестирања се покажале позитивни. Оттука и прашањето, дали може пак да се инфицирате од ковид-19?

Иако процентот на повторно заболени во Јужна Кореја е релативно мал – 2,1% од 7 829 излекувани, оваа појава на излекувани па повторно заболени е сериозна тема која ги окупира епидемиолозите, дури и во оние земји за кои се чини дека ја имаат под контрола пандемијата, јавува Си-ен-ен.

Според медицинските власти во Сеул, досега нема индикации дека пациентите кои повторно се позитивни, се пренесувачи на заразата, иако речиси половина од нив имаат некакви благи симптоми. Сепак, и покрај ваквата статистика, повикуваат на внимателност.

Засега најверојатното објаснување зошто исти луѓе повторно се позитивни на ковид-19 е дека тестовите ги препознаваат остатоците од вирусот.

Како и во други земји, Јужна Кореја користи тестови кои функционираат на принципот на пронаоѓање траги од генетската информација на вирусот – неговата ДНА, преку земање примерок од одреден пациент.

Според објаснувањата на надлежните во Сеул, овие тестови можеби се уште наоѓаат остатоци на ДНА на вирусот кај пациенти кои ја прележале болеста зашто тестовите се многу сензитивни.

Слична теорија имаа и кинеските научници. Жонг Наншан, еден од врвните експерти во Кина, минатата недела објаснуваше дека излекувано лице може да се покаже позитивно зашто фрагменти од заразата останале во неговото тело. Според Наншан, ова не е нешто за што треба да сме загрижени.

На прашањето пак, дали лицата кои повторно се позитивни можат да ја шират заразата, одговорот е дека се уште нема докази за тоа. Сепак, препораките се лицата кои се отпуштени од болница да останат во изолација во времетраење од 14 дена.