Дали е на повидок ново расипничко трошење или пак ќе се подобрува нивото на гостопримливост во Владата?

Ова е прашањето што се поставува откако пред два дена на Бирото за јавни набавки, а од страна на Службата за општи и заеднички работи на Владата беа објавени два огласи за набавка на кафе и апетисани, а особено загрижува фактот што самата Влада донесе заклучоци во ек на корона кризата да се прекине со сите непродуктивни набавки од сите јавни институции.

Според огласите објавени на 23.04.2020 година се набавуваат околу 3 тони кафе како и пола тон апетисани.

Во огласот со број 06170/2020 како предмет на договорот за јавна набавка стои кафе еспресо, филтер, кафе и капучино, а во спецификациите е наведено дека ќе се набавуваат 2 тони еспресо како и преку еден тон капучино, безкофеинско кафе и останати видови на кафе.

Во другиот оглас со број 06167/2020  во спецификацијата е наведено дека ќе се набавуваат 170 килограми бадеми, 170 килограми лешници, 135 килограми индиски ореви, 85 килограми фстаци како и 30 килограми кикирики.