За 24 часа над 1500 лица одговориле позитивно и го донирале повратот на ДДВ, од скенираните фискални сметки, во државниот буџет со цел справување со последиците од КОВИД-19.

Бројот на граѓани кои го враќаат назад во буџетот повратот од ДДВ расте во секој момент, а цифрите се покажуваат директно во апликацијата “МојДДВ”.

На оваа апликацијата, покрај опцијата за донирање на повратот од ДДВ стои и објаснувањето за владината уредба со законска сила која беше донесена вчера.

Со цел подобро справување со последиците од корона вирусот, помагање на граѓаните и на компаниите кои беа погодени од кризата, Владата отвори фонд за солидарност каде компании и приватни лица веќе донираат на различни суми. Од вчера Владата создаде можност за донации на сумата од повратот на ДДВ.

„Акцијата за донирање на сумата од првите три месеци од годината е отворена до 5 мај. Граѓаните кои до тогаш нема да го донираат, износот ќе им биде исплатен на трансакциска сметка“, стои во уредбата од Владата.