Инфективното одделение во прилепската Општа болница „Борка Талески“ денеска го испиша највозрасниот излекуван пациент со ковид-19. Станува збор за 85 годишната Елена Макалоска која од денеска продолжува со антибиотска терапија во домашни услови.

Таа била хоспитализирана со тешка клиничка слика и масивна пневмонија, во болнички кревет мина три недели, меѓутоа го задржала оптимизмот и ведриот дух во борбата со вирусот од која на крај, по два негативни теста, излезе како победник.

На заминување од Инфективното одделение во болницата „Борка Талески“, медицинскиот персонал ја исполни желбата на Макалоска за заедничка фотографија што ќе биде закачена на Фејсбук.

„Денес имаме и причина за славење. Највозрасниот излекуван пациент од ковид-19 во нашето инфективно одделение, 85 годишната Елена Макалоска пресреќна посака да се фотографира со дел од нашиот персонал“, стои во постот на прилепската Општа болница на Фејсбук.

Фото: facebook.com

Прилепе е трет на листата на градови во Македонија по бројот на заболени со ковид-19. До вчера попладне, таму имаше 143 дијагностицирани лица со коронавирусот. Лидер е Скопје со 486, заклучно со вчерашниот извештај на Министерството за здравство, пред Куманово со 378.