Фондот за здравствено осигурување, од утре, (1 мај), воведува пропишување и издавање лекови без хартија преку електронски рецепт (е-рецепт) за хронична терапија за хронично болните лица.

Ова значи дека нема потреба хроничните болни да одат кај матичниот лекар за да им биде препишан и издаден хартиен рецепт.

„Наместо да губат време за одење, чекање во ординации и враќање, корисниците на хроничната терапија ќе треба телефонски да контактираат со својот матичен лекар и да добијат информација дека им е креиран електронскиот рецепт. Потоа одат директно во аптека и со документ за лична идентификација ќе може да си ги подигнат пропишаните лекови“, информираат од Фондот за здравство.

Предвидена е можност друга личност да ја подигне терапијата во нивно име доколку хроничните пациенти не може лично да го сторат тоа.

„Освен што тоа ќе придонесе за поефикасна заштита на пациентите и медицинскиот персонал од актуелниот коронавирус, електронскиот рецепт ќе продолжи да функционира и по завршувањето на пандемијата на Ковид-19“, објаснуваат од Фондот.

Од утре проектот ќе функционира за хроничните пацинети, а забрзано се работи за да профункционира за сите осигуреници и за сите дијагнози.