Од домовите за стари лица и затворите во Атина, Солун и неколку други грчки градови, вчера започнаа со работа мобилните единици на Националната организација за јавно здравје на Грција за тестирање на населението за Ковид-19, а приоритетот го имаат ранливите групи граѓани во затворени објекти, како што се геријатриите, прифатните центри за бездомни лица, затворите и сл, јави дописничката на МИА од Атина.

Програмата е финансирана од Структурните фондови и фондот за кохезија на ЕУ, а постепено ќе бидат ангажирани вкупно 1.100 лица, 500 болничари, 500 возачи и 100 административни службеници.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, на вчерашниот редовен брифинг со новинарите рече дека мобилните единици имаат три цели.

Прво, да спроведуваат дијагностички тестови на ранливите групи граѓани кои живеат во затворени структури, а постепено ќе се воведат и тестови за антитела.

Потоа за собирање податоци, според упатствата на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство, за спроведување на потребните епидемиолошки студии за развојот на пандемијата во Грција.

Третата цел е зајакнување на напорите на Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција, за да има подобро и побрзо пронаоѓање на контактите на евентуалните нови случаи.

Заменик- министерот за здравство на Грција Василис Кондозаманис на прес конференцијата во неделата објасни дека „нема луѓето да чекаат дома да им заѕвонат на врата или да им се јават“, туку предност имаат ранливите групи граѓани во затворените структури.

На почетокот ќе се спроведуваат молекуларни тестови за Ковид-19, а потоа, во следната фаза и тестови за антитела.