Брзите имунолошки тестови се користат вообичаено за скрининг на населението со цел да се утврди кој стекнал имунитет. Скрининг најавува и министерот Венко Филипче, но со поинакви тестови. Во меѓувреме, македонските власти молчат за скандалот со несигурните и лажно декларирани тестови и ги оставаат во слободна продажба.  Истите се уште можат да се направат во болницата “Аџибадем Систина”.

Компанијата “Инзек” од Холандија којашто препакувала и брендирала евтини кинески тестови и ги дистрибуирала како холандски, се соочува со тужби и истраги во дел од државите каде што овие тестови биле дистрибуирани.

Две од фирмите посредници кои што ги купувале овие тестови директно од холандската “Инзек” се подоготуваат за тужби во Швајцарија, дознаваат репортерите на OCCRP. “Инзек” препакувала несигурни тестови со точност далеку помала од онаа којашто тие ја тврдат во клиничката студија. Репортерите пронајдоа идентични клинички студии кои што циркулираат за повеќе брендови, но, всушност, станува збор за еден ист тест произведен во близина на Вухан, Кина.

Од вчера компанијата “Инзек” најми и пиар фирма во Швајцарија и ангажираше свој портпарол со цел да ги минимизира штетите во процесот на тужбата. Во Германија веќе и институционално се проверуваат овие наоди. Американската Агенција за лекови во САД по написот на OCCRP и ИРЛ, од вчера соопшти дека ќе ги заострува правилата за дозвола за употреба на пазарот на ваквите тестови.

Овие тестови во Македонија се нудат во болницата “Систина”. За нив ИРЛ пишуваше уште пред еден месец. Агенцијата за лекови и медицински помагала “Малмед” на 9 април годинава и наложи на болницата да ги тргне сите реклами за брзиот тест и да ги замени со прецизни и неподводливи реклами. Во болницата влегоа и инспектори на Министерство за здравство, но тие потези немаа цел да го расветлат случајот со тестовите.

Тестот – продаден од холандската компанија Инзек Интернешнал Трејдин под брендот Биозек – беше еден од најмалку три брендови на брзи тестови за корона вирусот издаден од европски и американски производители, кои всушност се ре-брендирани од популарен кинески тест. Тестот произведен од Хангзоу Аллтест Биотех Цо. Лтд, во неколку независни испитувања се покажал помалку точен отколку што се тврди. Владата на Велика Британија ја откажа нарачката за тестовите, откако наводно открила дека не успале да ги исполнат нивните стандарди за точност.

А сепак, милиони тестови се продаваат низ целиот свет. Честопати се продаваат и промовираат како квалитетен европски производ, во имплицитен контраст со помалку престижните кинески произведувачи.

Истите кинески тестови, под различни имиња на брендови беа користени од здравствени установи и влади во земји, вклучувајќи ги и Шпанија, Италија, Франција, Велика Британија, Индонезија, Русија и Ватикан. Тие завршија во рацете на трговците на мало преку интернет, кои продаваат на луѓе кои не се здравствени работници – практика која оди во спротивност со упатствата за безбедна употреба. Тие дури беа и шверцувани во Украина во пратка со облека.

Купување и ребрендирање на вакви тестови е легално и во Соединетите Американски Држави и во земјите на Европската Унија. Сепак, неточно информирање на потрошувачите и пациентите, е нелегално.