Меѓународниот совет на медицински техничари (ICN) соопшти дека се верува оти најмалку 90.000 здравствени работници се заразени со Ковид-19 и дека повеќе од 260 медицински техничари починале од последиците на вирусот, јавува агенцијата „Анадолија“

„Неуспехот на владите да ја забележат стапката на заразување и смртните случаи кај здравствениот персонал е скандал кој го става персоналот на повисок ризик и го потценува вистинскиот обем на проблемот“, се вели во соопштението на Меѓународниот совет на медицински техничари издадено во Женева.

„Недостигот на официјални податоци за заразувањето и смртните случаи кај медицинските сестри и другите здравствени работници е скандалозен“, изјави главниот извршен директор на Меѓународниот совет на медицински техничари, Хауард Катон.

„Медицинските техничари и здравствените работници се изложени на поголем ризик поради недостигот на заштитна опрема на персоналот и слабата подготвеност за оваа пандемија.“

Меѓународниот совет на медицински техничари ги повикува владите веднаш да започнат со доставување на точни податоци во врска со заразувањето со вирусот и за смртните случаи од неговите последици меѓу здравствените работници.

Меѓународниот совет на медицински техничари во април објави дека повеќе од 100 медицински техничари од целиот свет починале по заразувањето со Ковид-19.

Покрај тоа, се вели дека Светската здравствена организација (WHO) пријавила 23.000 случаи на заразување кај здравствените работници.

Во извештајот се вели дека бројките објавени од Меѓународниот совет на медицински техничари и Светската здравствена организација биле шокантни, но дека Советот сега верува дека значително се потценува ситуацијата.

Меѓународниот совет на медицински техничари собра дополнителни информации од своите членки – националните здруженија за медицински техничари (NNAS), некои официјални фигури на Владата и извештаи на медиумите, кои сугерираат дека најмалку 90.000 здравствени работници се заразени, а повеќе од 260 медицински техничари починале.

Меѓународниот совет на медицински техничари соопшти дека илјадници медицински техничари биле заразени со Ковид-19, а стотици веќе починале, но дека владите не се во можност да обезбедат точни податоци бидејќи не ги собираат податоците.

„Ваквиот недостиг на дефинитивни бројки доведе до сериозно потценување на стапката на заразување кај медицинските техничари и бројот на смртните случаи“, се додава во соопштението.

„Меѓународниот совет на медицински техничари повикува податоците за заразувањето и смртните случаи кај здравствените работници систематски да се соберат од националните влади и да се одржуваат централно во СЗО“, се вели во соопштението.