Вкупно 1.645 случаи на коронавирус се регистрирани во Македонија. Во текот на вчерашниот ден потврдени беа 20 новозаболени лица од шест градови. Регистриран е прв случај од Берово.

Регистрирани се случаи во скоро сите возрасни групи, а во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 7 женски и 13 машки лица. Хоспитализирани се 5 лица, а останатите се на домашно лекување. Кај 7 лица е регистрирано присуство на коморбидитети.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2, како оздравени се водат 24 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување. Во текот на вчерашниот ден не е регистриран смртен случај.

Во Македонија, согласно вкупната бројка за заразени лица, регистрирани се случаи во 30 градови, од ко најголем број во Скопје, Куманово и Прилеп. Регистрирани се 785 машки и 857 женски лица заболени лица.

Возраста на заболените се движи од 0 до 94 години (просек – 45,2 години). Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 357 (21,7%), а највисока специфична инциденца од 124,4/100.000 се регистрира на возрасната група од 50-59 години (346 заболени). Кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години се пријавени 55 и 68 случаи.

Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (66,4%), кашлица (54,9%), малаксаност (37,1%), треска (20,1%), главоболка (15,5%), болка во грло (15,2%) и отежнато дишење (14,8%).

Кај 548 или 33,4% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Регистрирани се 241 (14,7%) случаи на заболување меѓу здравствени работници.

Регистриран е 91 смртен случај. Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 15,4/100.000 жители.

Од 15-ти февруари досега извршени се вкупно 19.096 тестирања на коронавирус.