Ригорозната хигиена на рацете е една од основните мерки за заштита од SARS-CoV-2 вирусот. Овие неопходни мерки предизвикуваат оштетување на кожата на рацете, а со тоа и можност за појава на екцем (дерматит), особено кај лица кои веќе имаат сува кожа или хронични заболувања на кожата. За да се избеге појавата на екцем неопходно е кожата да се негува, а притоа да се почитуваат препораките за хигиена на рацете.

Познато дека SARS-CoV-2 вирусот може со часови да се задржи на кожата на рацете, од каде лесно може да се внесе во организмот при допир на усните, носниците или очите. Во нормални услови, кожата на рацете е отпорна на надворешни влијанија (студ, вода, хемиски средства) поради дебелиот епидерм на дланките, како и поради присуство на масти – себум (продукт на лојните жлезди) на горната површина на рацете. При зачестено користење на сапун, постепено се трошат мастите на површината и го олеснува навлегувањето на хемикалии во подлабоките слоеви на епидермот.

Контактниот екцем е воспаление на кожата кое настанува како резултат на изложеност на хемиски средства. Тој може да биде иритациски (80%) или алергиски контактен дерматит (20%). Прв знак на тоа дека кожата на вашите раце е оштетена е сувост, јадеж и чувство на затегнатост, по што следи печење, појава на црвенило и лушпи. Често првите знаци се јавуваат во просторот меѓу прстите (интердигитален екцем) како место со најтенок епидерм (површен слој на кожата), но и место каде се здржуваат траги од сапуни и дезинфициенси.

Токму затоа треба веднаш да се исконсултирате со кожен лекар или дерматовенеролог. Појавата на болка, секреција, пукнатини и крварења од промените на рацете се причина веднаш да се јавите на лекар. Дерматологот ќе утврди дали има знаци на суперинфекција и дали се работи за иритантен или алергиски дерматит.