Европската комисија смета дека принципот на „имунолошки пасоши“ за преминување граници не е ефикасен во борбата против коронавирусот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Одговарајќи на новинарско прашање на оваа тема, еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, порача дека нема убедливи научни докази за ваков вид на решенија.

-Нема научни веродостојни докази да се поддржат имунолошките пасоши или серолошките тестови за да се утврди дали некоја има ковид-19 пред патување, рече еврокомесарка.

Иако Европската Комисија не може да им забрани на земјите членки на ЕУ да воведат ваква мерка, комесарката за здравство нагласува дека и Европскиот центар за контрола на болести и Светската здравствена организација веќе појасниле дека ова решение содржи ризик.

-Некој може да биде негативен, да патува и да се зарази отпосле, потребно е да знаеме кои мерки постојат кога некој влегува во некоја земја за да можеме да одговориме ефикасно и транспарентно, што значи дека е важен капацитетот на здравствениот систем, тестирањето и следењето на контактите, информациите се клучни во смисла на преминување во следната фаза, рече комесарката.