Др. Андон Чибишев денес на својот фејсбук профил посочи дека во Македонија ситуацијата започнува да се комплицира. Бројот на заразени граѓани со Ковид-19 се зголемува, а расте и бројот на починати. Со ова не е јасно како ние треба да мислиме и да се подготвуваме за избори, вели тој. Воедно зборува и за крајно неповолната епидемиолошка состојба со која се соочуваме во текот на овие неколку дена, а власта несериозно бара одржување на избори во јуни оваа година.

Неговиот фејсбук статус го пренесуваме во продолжение:

-Ситуација во државата почнува да се комплицира и политички и здравствено-епидемиолошки. Изборите кои требаше да се одржат на 12 април 2020 година се одложија заради корона кризата и државата почна да функционира со техничката влада и во вондредна состојба која веќе по трет пат беше продолжена од Претседателот на државата.

Деновиве сме сведоци дека неодговорни и несериозни политичари бараат изборите да се одржат во јуни 2020 година односно за нешто повеќе од еден месец од денес. Со оглед на тоа дека во текот на последните неколку дена бројот на новозаразени граѓани со Ковид 19 вирусот се зголемува, се зголемува и бројот на починати, а ние треба да мислиме и да се подготвуваме за избори.

Не ми е јасно како замислуваат да се спроведе предизборната кампања, контактите со гласачите, како да се пренесат пораките до електоратот а да не зборуваме за денот на изборите кога повеќе стотици гласачи ќе тргнат кон гласачките места каде повеќе од 12 часа треба се грижат за регуларноста на изборите голем број на членови на избирачки одбори и овластени набљудувачи на партиите кои ќе учествуваат на изборите.

Во последните неколку дена епидемиолошката состојба е крајно неповолна и наликува на онаа од пред еден месец. Наместо да се подобрува, таа има елементи на влошување. Затоа, барањето изборите да се одржат во јуни е обид да се наметне мислење дека во јуни Македонија треба да изведе организирано самоубиство, односно граѓаните да играт ,, руски рулет,, со најдрагоценото, со своето здравство.

Избори мора да има, мора да се изберат преставниците на народот и последователно на тоа да се формираат релавантни и легитимни институции кои во наредниот период ќе ја водат државата. Меѓутоа, мислам дека сега треба да се сконцентрираме на сузбивање на епидемијата на која за жал не и се гледа крајот, а за избори според мене треба да мислиме кон крајот на летото, некаде во првата половина на септември. Дотогаш да се потрудиме да ја стабилизираме епидемиолошката состојба, да им дадеме време на здравствените авторитети да го стават под контрола неконтролираното ширење на болеста.

Моето богато клиничко искуство ми дава за право да кажам дека според мене избори може да има најрано во септември 2020 година. СЕ друго ќе биде голема грешка која може да не воведе во ,, италијанско,, сценарио кое нашиот кревок здравствен систем нема да може да го издржи.