Министерството за здравство попладнево информираше дека делегација предводена од министерот Венко Филипче од денеска учествува во работата на 71. Собрание на Светската здравствена организација и  ќе има обраќање пред делегатите на тема „Здравје за сите: посветеност на универзална здравствена заштита”.

– Заедничка визија на Владата на Република Македонија и Министерството за здравство е здравје и висококвалитетна здравствена заштита за сите. За да се оствари ова, Министерството за здравство работи напорно на реформирање на здравствениот систем. Заедничка цел е градење достапна и пристапна здравствена заштита за сите граѓани, наведува Министерството за здравство.

Покрај учество во работата на Собранието, Филипче остварил средба и со генералниот директор на австриското федерално Министерство за здравство и женски прашања д-р Клеменс Мартин Ауер, како и со претставници од Глобален фонд.

Како што најави Министетството за здравство, попладнево македонската делегација ќе  има средба и со регионалната директорка на Светската здравствена организација за Европа д-р Сузана Јакаб, на која ќе разговараат за мисиите на СЗО кои беа спроведени досега во Македонија и за мисиите планирани за следниот период.

– Поддршката која ја добиваме од СЗО е од голема важност во остварување на глобалната цел – здравствени реформи и здравје за сите, наведува Министрерството.

За време на Собранието Филипче ќе оствари повеќе билатерални средби со министрите за здравство од цел свет.

И додека министерот Филипче пет дена седи на собранието на СЗО македонското здравство останува во проблеми “до гуша”. Секаде недостигаат лекари и медицински сестри, пациенти остануваат без лекови, болниците и Клиниките се распаѓаат, а новиот Клинички Центар никако да почне да се гради.