Повторно сме сведоци дека владата продолжува да создава конфузија, но не само кај бизнис секторот, туку и меѓу граѓаните.  Отсуствува долгорочна стратегија за закрепнување на економијата, а мерките кои што се понудени единствено се наменети за предизборен поткуп.  Доказ за ова се и предвидените средства за стопанството во третиот сет на мерки. Од каде се обезбедени средствата во износ од 204 милиони евра за директна поддршка за стопанството, изјави на прес конференција Анастасија Илиевска од ВМРО-ДПМНЕ која додаде:

„Во рамки на истата мерка се предвидува државна гаранција. Како може да се превиди државна гаранција кога Законот за јавен долг јасно кажува дека државата не издава гаранција за приватни компании? Како ќе успее владата да ги заврши сите активности поврзани со платежните картички кога вонредната состојба истекува на 30-ти мај, а потоа стапува на сила Изборниот законик. Прашувам како ќе се вршат еднократни исплати после 30-ти мај? Незнаењето и неспособноста да се справат со кризата и да изменаџираат со истата креира 200 милиони евра буџетска дупка само за првите 4 месеци од оваа година. До крајот на годината во буџетот ќе недостасуваат вкупно и до 1.3 милијарди евра, пари кои ќе треба да ги земеме на заем и да ги враќаат идните генерации.“

-Лошите и конфузни политики на СДСМ ќе имаат огромни последици по македонската економија. Мерките кои ги предлагаат не помагаат, туку одмагаат.  Потребна е итна стратегија. Власта нема визија за носење на долгорочни мерки. Мерките не само што не се сеопфатни и задоцнети, истовремено тие се одликуваат со краткорочен ефект кој нема да биде доволен за заздравување на економијата. Македонската економија е ставена пред сериозен предизвик. А, безидејноста на владата како да се спаси економијата од очајната состојба и понатаму продолжува, потенцираше Илиевска и подвлече:

„СДСМ и ВМРО ДПМНЕ значително и суштински се разликуваат. ВМРО-ДПМНЕ нуди сеопфатни и структурни решенија за економската криза која ја предизвика корона пандемијата. ВМРО-ДПМНЕ за разлика од СДСМ со своите развојни политики, градежен бум и економска експанзија, нуди долгорочна стабилизација на економијата која на државата и е очајно потребна.“