Црна Гора на 24 мај прогласи победа над коронавирусот. Тамошниот Институт за јавно здравје веќе 20 дена нема нови потврдени случаи на заболени со вирусот. Бројките кои можат да ги соопштат и со кои ја завршуваат пандемијата наречена Ковид-19 се вкупно 516 дијагностицирани случаи и 14 мртви на 1 милион жители.

Македонија за разлика од Црна Гора се уште објавува нови случаи на заразени, а она што загрижува е дека тој број на заразени не стивнува. Во последните неколку дена трендот на позитивни случаи од Ковид-19 е прилично лош. Со тоа Македонија го одржува приматот на лидер во регионот по стапката на смртност од коронавирусот.

Грција и Хрватска, пак, практично излегуваат од кризата и се подготвуваат за летната туристичка сезона.

Бројките со кои нашата држава се соочува се 54 мртви на 1 милион жители и со ова сме апсолутен шампион во регионот. Србија има 27 мртви на 1 милион жители (двојно помалку од нашата земја), а Хрватска кај која бројот на заразени на дневна основа е незначителен, има 24 мртви на 1 милион жители. Најмалку мртви, 11 на 1 милион жители, се регистрирани во Албанија.

Доколку го погледнеме бројот на извршени тестови за Ковид-19, Србија има 25 000 тестирања и 582 активни случаи на 1 милион жители. Македонија, пак со 12 129 тестирања има 222 активни случаи на 1 милион жители. Блиску до нас е и Бугарија со 211 активни случаи, додека Хрватска има само 29 активни случаи на 1 милион жители.

Србија има вкупно 1 277  заразени на 1 милион жители, но она што загрижува е фактот дека Македонија, со двојно помалку тестирања, бележи 949 вкупно заразени на 1 милион жители. Сите други земји во регионот се многу подобри од нас, а најдобра е Грција, со вкупно 276 заразени на 1 милион жители.