Поразителна статистика за Македонија во последнава недела. Споредено со земјите од соседството, земјава бележи неповолни бројки во борбата со коронавирусот.

Ова го покажуваат официјалните податоци од последните седум дена, кои покажуваат дека Македонија е на убедливо прво место кога станува збор за процентот на новозаболени, во однос на тестираните случаи.

Со 182 нови заразени од три илјади 846 теста, Македонија има речиси двојно повеќе поголем процент на инфицирани од Бугарија, која е на второ место на оваа листа. Нашиот источен сосед направил најмалку тестови во последнава недела, но два и пол проценти од нив испаднале позитивни.

Следна е Србија која најмногу тестирала во изминатава седмица. Земјата која пред неколку дена почна со олабавување на мерките има 596 заболени од над 36 илјади тестови. Над еден процент инфицирани од земјите од регионот има и Босна и Херцеговина.

Најмалку нови случаи во последните седум дена пријавиле земјите со равиен туризам. Грција бележи 44, Хрватска 16, додека Словенија има само двајца новозаразени, а процентот на тестирање на популација од милион жители во овој период, е слична како и кај останатите земји.

На оваа листа најдобро стои Црна Гора која се прогласи за прва држава во Европа која е без корона. Во последната недела биле тестирани речиси илјада Црногорци, но последниот позитивен случај на Ковид земјата го регистрирала на 5-ти мај.

Македонија е на врвот по уште еден негативен статистички податок поврзан со вирусот. Со 54 починати на милион жители, земјава е на прво место споредено со регионот. Во оваа категорија најдобро се справува Албанија, која има 11 починати на милион жители