Коронавирусот има исклучителна способност веднаш да влезе во човечкото тело

Тим од врвни експерти соопшти дека оние кои вршат истражување на потеклото на коронавирусот треба да ја испитаат можноста дали вирусот всушност излегол од лабораторијата во кинескиот град Вухан, епицентарот…

Тим од врвни експерти соопшти дека оние кои вршат истражување на потеклото на коронавирусот треба да ја испитаат можноста дали вирусот всушност излегол од лабораторијата во кинескиот град Вухан, епицентарот на пандемијата.

Професорот Николај Петровски, лидер на австралискиот тим, вели дека вирусот не е типичен пример на инфекција која преминала од животни на луѓе туку дека има исклучителна способност веднаш да влезе во човечкото тело.

Тој додава дека не може да се исклучи можноста дека вирусот некако избегал од лабораторија за тестирање. Петровски, професор по медицина на Универзитетот Флиндерс, е лидер на истражувачката единица која следниот месец ќе започне да испитува вакцина врз луѓе.

Според него кога новиот вирус ќе премине од животни на луѓе, тој вообичаено зајакнува како што се адаптира на новиот домаќин. Меѓутоа, од досега необјасниви причини, новиот коронавирус делува совршено адаптиран да ги инфицира луѓето. Професорот истакнува дека најблиску поврзани познати вируси биле проучувани на институтот за вирусологија во Вухан.

– Во моментов нема доказ дека вирусот „истекол“, но има доволно податоци кои предизвикуваат загриженост. Ваквата можност ќе остане се додека не биде исклучено од опција ваквото сомневање, истакнува Петровски, додавајќи дека не треба да се прескокне лабораторијата во истражувањето на потеклото на пандемијата.

– Ова е или неверојатна случајност или знак за човечка интервенција, додава Петровски.

Ваквиот извештај доаѓа откако по анализата на податоците на мобилните телефони е потврдено дека лабораторијата во Вухан е затворена во октомври минатата година. Во извештајот се наведува дека немало телефонски активности во високо обезбедуваниот дел од вуханскиот институт од 7 до 24 октомври 2019 година. Исто така се укажува дека можеби се случил опасен инцидент меѓу шести и 11 октомври.

Американските и британските известувачки служби го истражуваат ваквиот извештај, кој им дава тежина на теориите дека вирусот случајно „избегал“ од лабораторијата откако преминал од лилјаци на луѓе.

Меѓутоа, нема директни докази, кои би потврдиле дека вирусот е излезен од лабораторијата во Вухан. Директорката на лабораторијата Ванг Јањ ги демантираше ваквите гласини. Таа призна дека на институтот се работело на три живи видови на коронавирус кај лилјаците, но дека ниту еден од нив не е ист со оној кој ја предизвика пандемијата.

– Имаме три живи видови, но ниту еден не е сличен со вирусот Сарс – КоВ – 2, изјави таа, додавајќи дека најблиската сличност со вирусот кој го погоди светот е 79 отсто.

– Нашиот институт прв пат прими клинички примерок од непозната пневмонија на 30 декември. Не знаевме дека вирусот постои. Како би можел да излезе од нашата лабораторија кога никогаш не сме го имале, заклучува Ванг.


Related Articles