Република Македонија во последните три месеци живее во специфична состојба која јас ја нарекувам „продолжена стресна состојба“. Поголемиот број граѓаните се крајно загрижени за своето и здравјето на своите семејства, посебно за повозрасните членови на семејтвото и оние кои боледуваат од хронични болести како што се покачен крвен притисок, срцеви и белодробни заболувања и шекерна болест. Граѓаните, барем поголемиот број, преживеаја долги денови на полициски час, ограничено движење, неможност слободно да се движат и да ги практикуваат секојдневните активности.

Ова во изјава за КУРИР го истакнува професор доктор Андон Чибишев.

Го прашавме: „Дали се избрза со укинување на полицискиот час и отворање на угостителските објекти“? 

-Состојбата беше до некаде смирена и бројот на новозаразени почна да се намалува и во извештаите на надлежните институции да домираат бројките на пациентите кои ја победиле болеста. Меѓутоа, во последните дваесетина дена состојбата повторно почнува да ескалира, бројките на новозаразени да се зголемува, бројот на починати исто така. И, во една таква специфична новонастаната состојба која воопшто не наликува на завршување на епидемијата, техничката влада на предлог на Комисијата за заразни болести  носи крајно хазардерска, политичка, а не стручна одлука со која ги укинува рестрикциите за движење на граѓаните (со неразбирливо образложение, дека и до сега тие рестикции никој не ги почитувал ?), носат одлука да се отворат угостителските објекти и на крајот најчудната одлука, го враќаат во функција бесплатниот превоз за пензионерите, кои до пред два дена беа дел од популацијата кои без најограничени во слободното движење во тек на денот. Моето мислење е дека ваквата одлука е крајно неиздржана, непромислена и штетна по здравјето на граѓаните, истакна Чибишев.

Кои можат да бидат последиците во време кога секојдневно има жртви и голем број новозаразени?

-Последиците на ваквата непромислена одлука според мене ќе имаат непредвидливи и несогледливи  последици  по здравјето на граѓаните. Тоа веќе секојдневно го гледаме и го слушаме. Бројот на новозаразени расте, бројот на починати расте, Македонија е меѓу државите во регионот која има најголем број на новозаразени на еден милион жители и смртност која е загрижувачка, околу 5,5 %. За споредба смртноста во државите во опкружувањето е далеку пониска од таа кај нас. (Србија околу 2 %), рече Чибишев во изјава за КУРИР.

Каква е таа нова нормалност што власта ја најавува кога секојдневно се соочуваме со поразителни бројки и најава за избори?

-Несериозно  е да  бараш од граѓаните да почнат да се навикнуват на т.н. нова нормалност со која практички треба да се навикнеме на секојдневие во кое постојано треба да стрепиме дали ние или некој од нашите најблиски ќе се разболат, а за исходот од инфекцијата не сакам да коментирам. Новата нормалност за мене е разбирлива, меѓутоа, ако немаме новозаразени. Се друго е  обид на надлежните да не убедат дека треба да почнеме да се навикнуваме на живот во кој што ќе функционираме  виртуелно,  ќе живееме и ќе работиме вообичаено, а секојдневно наместо да слушаме дека бројот на новозаразени опаѓа или  дека нема веќе заразени, ние слушаме дека бројот постојано се зголемува, бројот на хоспитализирани се зголемува, бројот на новозаразени е поголем од бројот на излекувани и  дека бројот на починати загрижувачки се зголемува. На крајот би сакал да прашам дали тие кои не повикуваат да се адаптираме на новата нормалност, помислуваат на здравствените работници,  полициските службеници и сите други кои во овие три месеци вонредна состојба го понесоа најголемиот товар на кризата, дали помислуваат на нивните семејства и блиски кои секојдневно живеат во страв за нивното здравје и животи. Ако животот продолжи во ваква „нормалност“, во која секојдневно имаме голем број на новозаразени, најавата за брзи избори пред смирување на епидемијата  за мене е несфатлива, неразбирлива и крајно неодговорна, оценува професор доктор Чибишев во изјавата за КУРИР.

Преземено од Курир.мк