Владата го донесе протоколот за начинот како ќе функционираат градинките откако ќе се донесе одлука за нивно отварање. Протоколот ќе вклучува секојднева дезинфекција на објектите, надзор на децата за почесто миење на раце, отстранување на теписите и плишаните играчки. Меѓу мерките се и задолжително мерење на температура на дечињата при влез во градинка, но и ограничен број на деца. Така според протоколот во групите до 2 годишна возраст ќе може да има максимум 6 деца, додека од 3 до 10 години ќе има максимум 15 деца со по две негувателки. Секое дете ќе треба да има обезбедено креветче со по две постелнини, а масите за седење ќе бидат одалечени до 2 метри.

Министерот за здравство, Венко Филипче потенцираше дека нема да брзаат. Заедно со Министерството за труд и социјална политика е утврден планот за функционирањето на градинките, со тоа што почнуваат да се отвараат и уписите за тие деца кои што не се запишани и тие што навистина нема каде да ги носат децата, рече Филипче.

Она што ќе биде задолжителна обврска на родителите при носење на децата во градинка е носење на маски, а влез ќе биде дозволен само во надворешниот дел и тоа само за еден родител. Исто така задолжително ќе биде носење лекарска потврда од матичен лекар дека детето е здраво и може да ја посетува градинката.