Започна тестирањето за Ковид-19 за сите вработени во детската градинка „Весели Цветови” во Делчево. Директорката на установата, Билјана Симовска, информираше дека скринингот го вршат екипи на Центарот за јавно здравје од Кочани, а со него се опфатени вкупно 58 даватели на услуги во делчевската градинка, како воспитувачи, негователи, помошен технички и административен персонал.
-Со овој скрининг, со сите мерки за дезинфекција кои ги преземавме изминатиот период, како и со почитувањето на протоколите донесени од Министерството за здравство и МТСП, детската градинка во Делчево ќе биде подготвена и безбедна за здравјето и може да продолжи со својата дејност. Безбедносните препораки и одговорниот однос на секој еден вработен, но и на секој еден родител, ќе ја дадат потребната превенција за во нашата детска градинка го сочуваме здравјето на нашите најмили, децата, рече Симовска.
Скринингот, како што додаде, ќе се прави со ПСР-тестови, а целта на тестирањето е да се идентификуваат асимптоматските носители на вирусот, односно луѓе кои се заразени, а не се свесни поради тоа што немаат симптоми.
-Паралелно на овој процес е изготвен и протокол за работа на градинките со цел тие да се стават во функција. Ја користам приликата да информирам дека во изминатиов период извршена е комплетна дезинфекција на детската градинка во Делчево, додаде Симовска.
Заштитата од заразата како пто дополни ќе продолжи со тековно преземање мерки согласно со протоколите на Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство.