Дел од вработените во штипските конфекции денеска отидоа пеш на работа. Се плашат организирано да се возат до работа. Полицијата контролира дали во автобусите што ги носат работничките на работа се почитува растојанието, се носат маски и дали редовно се дезинфицира.

Денес ќе има нов раст на бројот на заболени во Штип. Тој е очекуван со оглед на тоа дека беа земени брисеви од сите текстилни работнички од конфекцијата „Т-стајл“, а почна и скринингот и на 600 работнички од други пет конфекции што вчера беа затворени. Скринингот треба да заврши до понеделник.  Досега се земени 200 бриса на три локации, а на на штипскиот Центар за јавно здравје му помагаат колеги од Кочани.

До крајот на неделата се чека одлука дали ќе има за карантин или полициски час за градот. Се зависи од бројот на заболените и почитувањето на мерките.

Според препораките сите работници на кои ќе им биде земен брис мора да останат дома до добивањето на резултатите. Кај оние што ќе бидат позитивни на вирусот епидемиолозите ќе носат одлука кој од нивните контакти ќе се тестира.

Со соопштение денеска се јавија и од Сојузот на синдикати на Македонија. Во него се вели дека мора да се почитуваат работничките права и фабриките кои поради ширење на Ковид-19 привремено затвораат, како што е случајот со петте конфекции во Штип, да им ги платат на работниците деновите кога нема да одат на работа.

Во соопштението од ССМ од работодавачите се бара да ги преземат сите мерки за заштита при транспортот на работниците до работа и навремена реакција од инспекторатите.