Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ во текот на денешниот ден на својата фејсбук страна објави текст во кој зборуваат за проблемите со кои се соочуваат здравствените работници, а тоа е немањето на лична заштитна опрема. Во продолжение ви го пренесуваме во целост објавениот пост на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

– „Од почетокот на избивањето на состојбата со ковид 19, здраствените работници се соочија со безброј предизвици. Пред нив се појави вирус, нов, сосема непознат непријател. Позаинтересираните здравствени работници веднаш почнаа со проучување, следење на сите можни студии, публикации, со цел да ја дочекаат оваа ситуација подготвени, додека добар дел решија да не доаѓаат на работа, бидејки сиротите се наработеле за својот живот, нека превземат младите.

Но, во меѓувреме здравствените работници наместо да се фокусираат на тоа што им е примарна работа, се соочија со друг проблем – немање на лична заштитна опрема. Поради „блескавата организираност’’ на нашите свети власти се најдовме во една таква ситуација која ниту Монти Пајтон, ниту Алан Форд не би можеле да ја опишат. Но, да одиме по ред.

1. На почетокот не ни требаше заштитна опрема бидејки вирусот е далеку од нас.
2. Се појави првиот случај, ајде да набавиме нешто опрема.
3. Добавувачите ги испорачаа сите свои залихи кои беа недоволни, па едни клиники се снабдија со се што им е потребно, а други клиники останаа боси и голи да се справуваат со ситуацијата.
4. Во меѓувреме другите земји забранија извоз за заштитна опрема и нашите добавувачи немаа од каде да набават, а побарувачката за истата драстично се зголеми и таа ситуација траеше повеќе од еден месец.
5. Филипче наместо да се ангажира од петни жили што побрзо да се надмине ситуацијата со недостатокот на ЛЗО реши да стане медиумска ѕвезда, па така секој ден во 12 часот на памет го научивме редоследот на информациите кои требаше да ги сооопшти, почнуваше со број на новозаболени, колку се во критична состојба, па број на почината и број на оздравени и секако на крај ситуација е под контрола, ние се знаеме, не се секирајте, носете маски ама и не мора, ама па подобро да носите. Оди па разбери.
6. По некое чудо откако другите земји си набавија ЛЗО и им се дозволи извоз на странските производители нашите добавувачи успеаа да ја набават преку-потребната опрема, но овојпат цените беа изгор.
7. Нашите способни директори на клиники се сетија дека им треба ЛЗО за својот персонал па решија да се смилуваат и да набават од истата, а и види чудо нешто да поделат и тоа по следниов редослед:

– За докторите од „нашата партија” се поделија маски со ниво на заштита FFP2 по некој визир и скафандер, ракавици и каљачи. За доктори од ВМРО-ДПМНЕ следуваше обична хируршка маска по една за цело дежурство 16 часа и по некој пар ракавици, доста им е толку, ако им треба повеке нека си купат. Сестрите како пониска каста во системот имаа право на една маска за еднократна употреба за период од три до пет дена по налог од главните сестри од „нашата партија” кои остатокот од залихите си ги поделија на верните сопартијци, поддржувачи, роднини и пријатели. Кога ќе им дојдеше инспекција гордо им ја покажуваа залихата која ја набавиле, а во пракса таа се делеше на начин погоре објаснет.

– За најниската каста во системот, хигиеничарките, болничарите и администрација не следуваше ништо-нека си шијат дома или да си купат.
8. Јупиииии, добивме донации од сите страни на светот па ги покажавме на ТВ и се сликавме покрај нив. Мислевме дека и ние нешто конечно ќе добиеме, ама до ден денес ни трага ни глас од гооолемите донации. Шпекулациите одат дека некој си прави бизнис со донациите и истите ги продава.

И еве го сега и вториот дел од првиот бран. На клиниките има ЛЗО, но истата се чува и крие, а поснаодливите кои ќе успеат да земат по неколку маски и ракавици се кријат по ходниците како шверцери на дрога и ги делат на голораките здравствени работници строго внимавајќи да не не’ дознаат светите ни директори и главни медицински сестри.“

БЛЕСКАМЕ, НАВИСТИНА БЛЕСКАМЕ!!!!

Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ