Филипче откри за што ќе се дискутира во Комисијата: Следи ли вештачко намалување на бројот на заразени?

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска истакна дека во рамки на Комисијата за заразни болести следниве денови ќе се дискутира за тоа дали асимптоматските пациенти да се бројат како заболени,…

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска истакна дека во рамки на Комисијата за заразни болести следниве денови ќе се дискутира за тоа дали асимптоматските пациенти да се бројат како заболени, со оглед на тоа што одредени земји веќе не ги бројат.

Сепак, како што рече, треба и асимптоматските случаи да се имаат во предвид, во смисла на имплементирање на епидемиолошки анкети и ставање на луѓето во изолација.

-Да, има голем број на асимптоматски случаи кои што произлегоа од тестирањата направени во семејните кластери. Точно е дека повеќе земји ја менуваат оваа стратегија. Ние ова ќе го дискутираме во рамките на Комисијата за заразни болести, меѓутоа тоа не е причина и тие асимптоматски случаи да ги имаме предвид во смисла на имплементирање и на епидемиолошки анкети и ставање на луѓето во изолација, рече Филипче на денешната прес-конференција во одговор на прашање.

И покрај тоа што за детектирање и регистрирање на бројките ќе се дискутира следните денови, Филипче рече дека тоа нема да го смени пристапот како ќе се тестира, како ќе се анкетира, кој се тестира и врз основа на што некој ќе оди во самоизолација.

Во однос на тоа како се третираат најтешките пациенти, Филипче рече дека интензивно се работи со сите, а најтешките пациенти се третираат во одделенијата за интензивна нега, се ставаат на респираторна машина според проценката на лекарите.

-Ние имавме терк да се дијагностицира и постмортно нешто што ниту една земја не го прави што сериозно го подигна процентот на смртност, меѓутоа мислам дека беше битно тоа да се знае заради епидемиолошките податоци и заштита на членовите на нивните семејства, рече тој.

Што се однесува до новото упатство од СЗО, Филипче рече дека е во процес на разгледување, а следните денови ќе излезат со информација.

Ние го разгледувавме упатството од СЗО, стигна пред неколку дена. На денешниот состанок беше присутен директорот на Институтот за судска медицина на којшто дискутиравме за повеќе аспекти, така што во однос на овие податоци следните денови ќе излеземе со информација, додаде Филипче. (МИА)


Related Articles