Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска во претпладневни часови ќе има обраќање во кое ќе ги соопшти своите ставови во врска со вонредната состојба, свикувањето нова лидерска средба, како и за одржувањето на изборите.

Од Кабинетот на претседателот за МИА посочуваат дека тој во своето обраќање ќе одговори на многу прашања кои деновиве се отворија во јавноста, а се однесуваат на состојбата во земјата поврзано со кризата со коронавирусот односно дали ќе има седница на Советот за безбедност и нова вонредата состојба, што исто така се поврзува со одржување на предвремените парламентарни избори.

Нема одговор дали ќе има лидерска средба за датумот за избори и се упатува на утрешното обраќање на Пендаровски, по кое треба да биде појасно како ќе функционира државата во иднина и кои чекори ќе бидат преземени и од страна на владејачките СДСМ и ДУИ, и од опозцијата. Засега нема консензус за датум за парламентарни избори.

Партиски извори за МИА велат дека до вчера немало иницијатива за уште една лидерска средба кај шефот на државата.

Претседателот Пендаровски, последната 14-дневна вонредна состојба, која требаше да помогне за реализација на мерките за справување со корона кризата, ја прогласи на 30 мај, а истекува в сабота на 13 јуни.