Во поширокиот регион на грчкиот град Ксанти, во североисточна Грција, од денеска се воведени вонредни рестриктивни мерки, како и полициски час во едно село откако се регистрирани 15 случаи на новозаразени со ковид-19. Мерките ќе траат во наредните 8 дена, односно до 19 јуни.

Како што јави МИА од Атина, областа денеска ја посетија заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, и професорот епидемиолог од Министерството за здравство, Сотирис Циодрас.

По одржаниот состанок, Хардаљас и Циодрас рекоа дека ситуацијата ќе се следи, а целта е да се намали ширењето и пренесувањето на вирусот.

Вонредните мерки предвидуваат во поширокиот регион на Ксанти, сите државни служби да работат само со претходно закажување, задолжително да се користи маска во сите приватни компании и продавници, а се затвораат и пазарите.

Во селото Ехинос во истиот регион, забранети се сите собири и напуштање на конкретната општина, а воведен и полициски час од 21 до 7 часот наутро.