МЗ : Во 2020 година, буџетот за Програмата за крводарителство изнесува 40 милиони денари, зголемен е за 15 милиони денари повеќе во однос на претходната година

Со овој исклучително солидарен и благороден чин се овозможува здравствените работници секојдневно да спасуваат човечки животи. Во насока на унапредување на крводарителството, Министерството за здравство, на годишно ниво изготвува посебна…

Со овој исклучително солидарен и благороден чин се овозможува здравствените работници секојдневно да спасуваат човечки животи.

Во насока на унапредување на крводарителството, Министерството за здравство, на годишно ниво изготвува посебна Програма за организирање и унапредување на крводарувањето во државата. За оваа година буџетот на Програмата изнесува 40 милиони денари, што е за 15 милиони денари повеќе во однос на претходната година.

Програмата се реализира во соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија, како значаен партнер во унапредување на здравствената заштита на сите граѓани. Со неа се опфатени бројни активности за континуирана здравствено-воспитна и мотивациска работа меѓу населението, подготовка на крводарителски акции, изготвување информативен материјал, анкетирање и изготвување списоци на потенцијални дарители на крв, учество на волонтери, евиденција на крводарителските акции, како и доделување признанија на крводарителите.

Во областа на крводарителството активно е вклучен и Институтот за трансфузиона медицина, каде во континуитет се вложува во унапредување на условите за работа, во современа апаратура, како и едукација на високо квалификуваниот медицински кадар.

Институтот за трансфузиона медицина е отворен за сите заинтересирани лица кои сакаат да придонесат кон спасување човечки животи со дарување крв.

Во 2020 година, реализирани се 21.301 дарување на крв, 157 дарувања на тромбоцити и 16 дарувања на конвалесцентна плазма. Од нив, 7 дарувања со постапка плазмафереза на клеточен сепратор и 9 преку стандартно дарување на целокупна крв. Со ова, обезбедени се 23 единици конвалесцентна плазма за третман на 23 пациенти со COVID-19.

Потсетуваме дека излекуваните лица од Ковид-19 имаат можност да даруваат крвна плазма од излекувани пациенти, што исто така, претставува вид на крводарување, што се користи како лек и надеж за потешките пациенти заболени од коронавирус.


Related Articles