Општина Карпош комплетно го реконструира детското игралиште меѓу кулите со броевите 52 и 56 на улицата Јуриј Гагарин, во населбата Козле. Поставени се нови реквизити за рекреација на најмладите, како и заштитна ограда, со што се доби уредена зона, која младите ќе ја користат и во текот на летниот распуст.

Како што соопштуваат надлежните од Општина Карпош, игралиштето е обновено по иницијатива на д-р Ѓорѓи Паскалов (педијатар), кој во овој реон има здравствена ординација што ја посетуваат голем број дечиња со своите родители.

– Во неформален разговор со градоначалникот Стефан Богоев, докторот посочи дека реконструираното игралиште навистина ќе им биде од корист на сите деца. Паскалов се заблагодари што општината одговори на барањето на повеќе граѓани што живеат во овој дел на Карпош. Богоев ја поздрави иницијативноста на жителите и на д-р Паскалов. Ова претставува позитивен пример за успешно партнерство меѓу карпошани и локалната самоуправа – сметаат од Општина Карпош.

Оттаму дополнуваат дека нивна примарната цел е да развиваат вакви маалски зони за рекреација на граѓаните. Затоа изминатиов период се фокусирани на изведба на нови или реконструкција на постојните детски игралишта во населбите, а велат дека работат и на нови тревници и системи за наводнување.