Реновираните железнички станици во Велес и Чашка во чекалните немаат столици.

Станиците кои се обновени преку проект од Европската унија и кои беа денеска отворени, имаат систем за ладење и греење, чекални, посебен влез во зградата и на пероните за лица со посебни потреби, електронски информатори за пристигнувањето на возовите и за возниот ред. Единствено немаат столици за седење на патниците.

Од МЖ Инфраструктура велат дека со проектот на ЕУ не било предвидено поставување на столици.

  • Правиме напори да ги набавиме со сопствени средства. Не е убаво што патниците ќе стојат, иако има разглас, греење, ладење, рече Петар Спасовски помошник директор за правни работи во МЖ Инфраструктура.

Железничките станици во Велес и Чашка беа реконструирани со европски пари во висина од 400 илјади евра. Тоа е грант од проектот „Подобро поврзани“, вреден 2,14 милиони евра, со кој за реконструираа 10 железнички станици во Македонија, дел од Коридорот 10, кој со пруга ги поврзува Салцбург и Солун.

Железничката станица во Велес е најстарата станица во Македонија, каде на 9 април 1873 година стигнува и првиот воз од Солун во Велес.