Претставници на политичките партии и коалиции на претстојните предвремени парламентарни избори на 15 јули во Државната изборна комисија (ДИК) потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. Апелите од ДИК и од претставниците на учесниците на изборите се исто така насочени кон почитување на мерките за заштита од Ковид -19.

Претставниците на помалите партии побараа партиите да ги вратат парите за изборите и да им се дозволи зголемување на минутажата за нивно претставување во медиумите.

Пред прекинот на изборните дејствија во март, ДИК ги потврди листите на 15 коалиции и партии со 1.598 кандидати, а го утврди и изгледот на гласачкото ливче.

Со свои кандидатски листи во сите шест изборни единици ќе учествуваат  ДУИ, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и Беса, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“, политичката партија ИНТЕГРА, „Никогаш северна, секогаш Македонија“, Демократи, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Работничката партија и ДПА.

СДУ, ГДУ и Глас за Македонија нема да учествуваат во „шестката“, односно поднесоа листи само за изборните единици 1, 2, 3, 4 и 5. „Твоја партија“ доставила кандидатски листи за изборите единици 1, 2 и 5.

По потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори, ДИК ќе изврши ждребка за определување на билбордите за политичко рекламирање.