Министерството за здравство информира дека од утре Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле ќе врши прием и на возрасни пациенти заболени од Ковид-19. На располагање ќе бидат 60 места за болничко лекување на возрасни и 15 за деца сомнителни и заразени од Ковид-19. Во оваа установа предвидено е да се хоспитализираат пациенти со полесна и средна клиничка слика.

Во моментот во оваа болница се сместени 3 деца сомнителни на ковид-19, чии резултати од извршените тестови се уште не се готови.

Во болницата се очекува да пристигнат екипи од лекари и сестри, односно интернистички и инфектолошки тимови како од Инфективната клиника така и од внатрешноста на Македонија.

Освен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, болницата „8-ми септември“ која функционира како ковид – центар, сомнителни и заболени пациенти од ковид-19 се лекуваат и во болниците во Куманово, Тетово, Штип, Велес, Прилеп, Битола, Охрид. Веќе од утре целосно се вклучува  детската болница Козле, а се подготвува и Ковид центар во Кавадарци.